Дали сте од оние луѓе кои имаат трема пред држење презентација? Дали можеби технологијата ви ја прави подготовката уште потешка? Без грижа, сé може да се научи и совлада, вклучувајќи ги и презентациските вештини, но и алатките кои можат да ви ја олеснат задачата. Microsoft PowerPoint е една од нив.
Оваа програма доминира во светот на јавното говорење и презентирање и е една од најпознатите Office алатки во последниве декади. Таа се користи во секоја индустрија што значи дека шансите дека некој ден ќе ви затреба се огромни.
Доколку сакате веднаш да ги изненадите колегите и да ги покажете вашите напредни презентациски способности, тогаш ви препорачуваме да научите неколку трикови за користење на овој софтвер. За да ви го олесниме патот кон целта, ви претставуваме забавна содржина за Microsoft PowerPoint: 6 начини да ja направите вашата
презентација поинтересна:
Не станува збор за темата на вашата презентација, туку за нејзиниот визуелен изглед. Дизајн темите во PowerPoint играат клучна улога во колку ќе го задржите вниманието на публиката. На пример, доколку нафрлите куп текст врз празен бел лист со минимален дизајн, слушателите на вашата презентација бргу ќе го загубат и вниманието и интересот.
Но, доколку одберете интересна и впечатлива дизајн тема, и внимателно ја организирате
содржината, тогаш шансите за успешна презентација значително ќе ви се зголемат.
За вистински да ја почувствувате разликата која ја прави една дизајн тема, ставете се во улога на слушател или, пак, сетете се на некои ваши претходни искуства. Сигурно за брзо време сте го изгубиле интересот во презентации со лош изглед, неразбирлив фонт или, пак, пресветли и јаки бои.
Темата на вашата презентација може да ја одберете веднаш кога ќе ја отворите програмата Microsoft PowerPoint. Доколку не ви се појавуваат дизајн темите при отворање, тогаш кликнете го табот „Design“ каде што имате широк спектар на избор.
Исто така, од интернет можете да симнете PowerPoint теми или, пак, да го збогатите оригиналниот дизајн со додавање на слики, гифови и анимации.
Најинтересно од сé е тоа што откако ќе се одлучите за вашата идеална дизајн тема, можете да ја адаптирате на вашите потреби и вкус. Па така, ако одберете „Format Background“ ќе можете да ставите различни позадини на секој слајд, да тргнете елементи кои не ви се допаѓаат од дизајнот или да додавате нови.
Многумина не се свесни дека Microsoft PowerPoint може да се користи и за правење забавни анимации. Оваа опција дефинитивно, вашата презентација ќе ја направи вредна за паметење, а може да ви помогне и да внесете малку хумор при презентирање со што би се опуштиле и вие и публиката.
Со ефектите како „Appear“, „Fade“ или „Fly In“, можете да анимирате текст, слики, чартови
и секој друг елемент од вашата презентација. Само кликнете на табот “Animation”, одберете еден од ефектите и програмата веднаш ќе ви покаже како би изгледало тоа. Можете да го прилагодите времетраењето на анимацијата, како и начинот на кој ќе се вклучи – дали кога вие ќе кликнете на неа или ќе започне веднаш по претходната
анимација.
Со кликање на „Animation Pane“ ќе можете и дополнително да ја прилагодите
анимацијата и да додадете звуци, бои и останати интересни ефекти. Видливо е
зошто според многумина, анимацијата во Microsoft PowerPoint е највозбудливиот
дел од правењето презентации, но бидете претпазливи! PowerPoint анимациите не се
за секоја пригода.
Доколку се работи за сериозен проект кој ќе мора да го презентирате, веројатно, вашите експерименти со анимации нема да бидат толку добро прифатени од публиката.
ДОДАДЕТЕ НАРАЦИЈА
Дали знаевте дека во Microsoft PowerPoint можете да внесувате и аудио снимки? Сé што треба да направите е да го кликнете менито „Insert” и потоа да ја одберете опцијата „Audio“. Имате можност во презентацијата да додадете веќе постоечки аудио снимки од вашиот компјутер, но и да снимите нешто од нула во самата програма.
Доколку одберете „Record Audio“, PowerPoint ќе ви овозможи да снимите нарација која ќе биде дел од слајдот и која ќе можете со клик да ја вклучите за време на презентацијата. Овој трик овозможува да ги направите презентациите поинтерактивни, но, исто така, и да вметнете вежби или, пак, да земете здив при презентирањето, особено ако треба да пренесете голем број информации.
Претходно, ако анимациите ви фатија око, тогаш сигурно и PowerPoint транзициите ќе ви бидат интересни. Двете опции слично функционираат, а транзициите може да ги најдете во посебно мени „Transitions“. Главната разлика меѓу двете опции е тоа што анимациите додаваат движења на објекти во презентацијата (текст, слика, геометриска форма…) додека транзициите се однесуваат на начинот на кој еден слајд преминува во друг.
Можете да ја одберете класичната опција со која нема никаков премин меѓу слајдовите или, пак, презентацијата можете да ја направите подраматична со ефектите како „Random bars“, „Push“ и „Fade“. Како и анимациите, и оваа PowerPoint алатка дозволува одредени слободи како на пример прилагодување на времетраењето на транзицијата или, пак, одбирање дополнителни ефекти. На пример, дали слајдот кога ќе има транзиција „Fade“ ќе се прелева постепено или преку црната боја.
Треба само да отидете на менито „Insert“ и да одберете „WordArt“ за да се уверите во богатата палета на ефекти и стилизации на текстот. Како и останатите интересни алатки, исто така и WordArt – от може да се прилагоди според вашиот вкус. Можете дури да додадете слика од вашиот мобилен телефон како позадина на стилизираниот текст.
Иако е интересен за користење и е идеален за будење на креативноста, не значи дека секој збор од вашата презентација треба да биде направен со WordArt и да има уникатен
изглед или ефект.
Напротив, тоа само дополнително би ја збунило публиката. Затоа, наместо секоја реченица да има различен ефект и изглед, најдобро е да го користите WordArt за наслови, акцентирање на важни информации, Q&A, заклучоци или, пак, цитати.
Да направите презентација која потсетува на пишување врз школска табла е совршен начин да создадете поинтересна PowerPoint презентација, особено ако сте професор или ако сте обучувач. Постојат многу начини да се постигне тој изглед и искрено ве советуваме да експериментирате и да испробате неколку начини, за да ги тестирате вашите знаења на Microsoft PowerPoint, и за да научите нов трик.
Прво што треба да направите е да симнете слика од интернет од школска табла, а потоа преку опцијата „Format Background“ ставете ја како позадина на сите слајдови во вашата презентација. Откако ќе го завршите тој чекор, одберете ракописен фонт кој потсетува на рачно пишување на табла и додадете му ја анимацијата „Appear“ со што текстот
постепено ќе се појавува.
Но, за вистински да се добие ефектот на рачно пишување, кликнете на опцијата „Animation pane“, а потоа во „Animation Effects“ и ќе можете да ја прилагодите анимацијата за буквите да се појавуваат една по една. За повеќе инспирација, можете да ги погледнете следниве видеа на истата тема:
Youtube видео 1 – како да креираш презентацја со ефект пишување на табла
Youtube видео 2 – како да креираш презентацја со ефект пишување на табла
PowerPoint докажува дека правењето презентации не мора да биде макотрпно и здодевно! Како што ќе напредувате во работата во оваа програма, вие ќе можете и самите да смислувате и создавате интересни ефекти и анимации. Тоа не само што ќе ве направи махер во презентирањето, туку и со сигурност ќе ви ја зголеми популарноста меѓу колегите кои постојано ќе ве прашуваат за вашите трикови.
Доколку ве заинтригира помалку познатата и креативна страна на оваа програма, контактирајте го тимот на ЕСП и резервирајте место на часовите за Microsoft PowerPoint. Имаме уште еден куп нови информации и трикови кои сакаме да ги споделиме со вас!
Наскоро ќе можете да прочитате новости, совети и структура на програмите за сите:
Можеби ќе ве интересира:
Јазик
Компјутери
Обуки и работилници
Коучинг
Настани и опрема
Преводи
За Блогот
е-пошти: esp@esp.com.mk;
info@esp.com.mk
Телефони: 2 32 46 041 /
075 446 706 /
071 324 170
Повеќе од две децении со вас до вашиот успех
ЕСП – РАЗВОЈ И УПРАВУВАЊЕ НА ЧОВЕЧКИ РЕСУРСИ